Соочување со реалноста

Дали некогаш сте помислиле нешто од следново?

  • Преведувачи се луѓето што ги гледаме на телевизија, како им шепотат на уво на претседателите или деловните лидери
  • Преведувањето не е вистинска професија, секој може да преведува
  • Ако зборувам два или повеќе јазици, можам да преведувам
  • Повеќе не ни требаат преведувачи затоа што го имамеGoogleTranslate или други апликации за тоа
  • Преведувачите работат и од и кон мајчиниот јазик– со други зборови, преведуваат во двете насоки
  • Преведувачите зборуваат еден куп јазици
  • Преведувачите можат да преведат речиси сѐ на јазиците на кои работат
  • Преведувачите преведуваат само книги, така?
  • Секаков превод ќе заврши работа, само да биде разбирлив.

Ако сте помислиле нешто од горенаведените, не сте сами. Преведувањето е професија за восхит која постои со милениуми, а сепак често е недоволно разбрана. Продолжете со читање за ексклузивно да ги дознаете деталите на професијата и да бидете меѓу првите што ќе ги разбијат митовите за преведувањето!

Во преведувачкиот ум

Ако го отворите умот на еден преведувач и се загледате во него, секогаш ќе забележите одредени работи, независно од која возраст, националност или култура е.

Прво, ние сме луѓе кои сакаат јазици и имаме совладано најмалку еден странски јазик – во некои случаи, многу повеќе. Подеднакво сме заљубени во пишувањето и комуникацијата, се гордееме што нѐ бидува со зборови – ние сме луѓе кои изработуваат документи и листи со податоци, содржини и ракописи, пораки и повеќе од тоа, а зборовите се нашите алатки.

За разлика од толкувачите, кои работат со говор, тишината кај нас ја прекинуваат само тастатурата и текот на мислите. 

Untitled design (1)-1

Со тоа што сме изложени на најмалку две култури, ние сме и отворени луѓе, свесни дека секогаш има повеќе начини да се анализира нешто.

Може да нѐ сметате за трагачи по информации. Бескрајно сме љубопитни, страсни читатели сме, вљубеници сме во истражување за нашите текстови, како и во учењето додека работиме. Дефинитивно сме луѓе какви што би сакале во тимот за квиз во локалниот паб. Често сме специјализирани за неколку одбрани полиња.

Ние сме перфекционисти и посветени сме на деталите. Професионално, тоа е вистинска дарба, но понекогаш може да биде проблем да се стиши тоа.

Тоа сигурно го знаете ако некогаш сте гледале мени во ресторан или пак сте гледале филм со превод заедно со преведувач. Сигурно сте забележале како се посветуваме на секоја најдена грешка. За нас тоа е симпатична особина. Можеби за вас не е баш симпатична, но е дел од пакетот!

На површината на зборовите

И, што правиме ние кога ќе седнеме да работиме?

Прво, малку контекст (преведувачите секогаш објаснуваат дека контекстот е најважен!)

Луѓето од целиот свет комуницираат поради секакви причини: за продажба, рекламирање, образовање, информирање, споделување, раскажување и инспирирање.

Ако нивната порака остане во нивниот јазик или култура, ќе има ограничен досег. Кога ќе се повика преведувач, пораката може да ги скрши ѕидовите, да ги надмине разликите и да изгради мостови.

Наша работа е да направиме врски помеѓу писателите и читателите.

Тука е корисна вештината, која е многу поважна од тоа „само“ да ве бидува за јазици. 

Потребно е да се вдахне нов живот во текстовите на друг јазик.

Секој ден, преведувачите од целиот свет работат на соопштенија за печат од НВО, на контролите за возбудлива нова апликација, на патент за временска машина, на приказната за ќерките на Хари Потер, на титли на монголски за Војна на ѕвездите X, на каталог со резервни делови за машината за миење садови, на интервју со Анџелина Џоли за филмски фестивал, на суштински материјали за изработка на маски во борба со пандемија или на договор за меѓународен фудбалер кој се сели во нова држава.

Накратко, текстовите на кои работиме го опфаќаат целиот опсег на човековото постоење …

Но за да си ја завршиме работата, потребно е да направиме нешто повеќе од само да ги напишеме нивните зборови на нашиот јазик. Тоа можеби би функционирало за едноставни списоци со држави или предмети, но секој покомплексен текст е како жив организам. Тој треба внимателно да се претвори во нешто што на читателите ќе им делува природно. Потребно е да се размислува поопширно од зборовите и речениците, параграфите и идеите, а каде што е неопходно, и да се вметнат нови наслови, да се направи нова организација и одново да се формулира нешто. 

Тоа може да значи расклопување, истражување, реконструирање, препишување и адаптирање на сопствената култура. 

Со други зборови, целта е да се креира текст кој изгледа како да го напишал некој кој го зборува нашиот јазик за некои кои го разбираат тој јазик.

Само тогаш читателите ќе можат да се поврзат со текстот, а пораката ќе допре до нив.

Како преведувачи, наше е да го сработиме својот занает, па да исчезнеме од бината, неоставајќи трага дека некогаш сме биле качени таму.

Да зборуваме за технологијата

Се разбира, како и секоја индустрија во XXI век, преведувањето се менува на секакви начини поради технологијата што се развива. Ги нема веќе времињата што ги паметиме со носталгија, кога сме добивале документи по пошта и сме ги пишувале преводите на машина за пишување и сме користеле коректор.

Денешните преведувачи се разбираат од технологија и знаат како да го извлечат најдоброто од компјутерите за да ја сработат својата работа брзо, ефикасно и точно.

Користиме електронска пошта за примање и праќање на нашите текстови, а интернетот ни е од суштинска важност за истражувањето.

 Tech Talk (1)

Веќе над две децении преведувачите користат алатки за преведување со компјутерска помош (CAT) за поделба и организирање на текстовите, како и за складирање преведувачки мемории, од поединечни зборови до цели реченици.

Сигурно сите сте слушнале за Google Translate (GT), и веројатно ви е познато дека е озлогласен по лошиот квалитет, а сепак истовремено претставува своевидно чудо. Ако сте баба Унгарка која комуницира со својата внука Ирка, тогаш GT е многу корисен за да ја пренесете суштината на пораката. Машинскиот превод (МТ) може да им помогне и на преведувачите во намалување на обемот на работата, голтајќи текстови и исфрлајќи ги во една форма или друга (квалитетот зависи од јазикот). Тука често почнува работата на човечкиот преведувач – кој внесува течност и стил во тоа што го создала машината (што во професијава е познато како „пост-уредување“).

Новата синергија помеѓу луѓето и компјутерите значи дека сѐ повеќе содржина се преведува побрзо од кога било досега.

Сепак, има многу преведувачи кои не сакаат да си имаат работа со машински преводи и тврдат дека така се создаваат повеќе проблеми од решенија. Сѐ зависи од текстот, тематиката, комбинацијата на јазици и софтверот што се користи. За креативен превод или маркетиншки или пак книжевен, машинскиот превод сѐ уште е практично неупотреблив.

Независно од тоа, софтверот може да го користиме за организирање титлови, за читање на преводите на глас (преточување текст во говор), за проверка на граматика и правопис, за професионално форматирање документи, управување со базата на податоци за клиентите и продажбите, следење на работниот тек и наплата.

Со други зборови, на технологијата гледаме како на пријател, а не непријател. Таа ја зголемува продуктивноста и оттаму и приходот, но засега нејзината улога е јасно дефинирана. Со други зборови, не седиме ноќе со ококорени очи од страв дека доаѓа денот кога ќе нѐ заменат со роботи...

Сѐ во еден работен ден

Прашајте кој било преведувач што му треба за да си ја сработи работата, и ќе ви каже: компјутер опремен со разните технологии што ги споменавме. Можеби и по некоја старомодна книга. Многу кафе или чај. И за крај, некои би додале и мачка или куче.

Ова е самотно занимање. Но на повеќето од нас тоа ни одговара. Меѓу нас има од повлечени до отворени, како и од сите степени помеѓу, но нашата вистинска страст е за зборовите и за она што можеме да го направиме со нив.

За најпопуларните јазици (шпански, француски, германски, јапонски итн.), повеќето од нас преведуваат само од нив на својот мајчин јазик, бидејќи нашето познавање на странскиот јазик може да е одлично, но ретко е совршено. За други јазици, како виетнамски, унгарски, хауса (Нигерија), тагалошки (Филипини) или кечуански (Перу), локалните преведувачи работат во двете насоки.

Знаеме да работиме со преведувачки агенции или директно со клиенти. Како и да е, сѐ почнува со текстот. Тој може да биде во секаква форма и големина, од слоган од 3 збора до дисертации од 100.000 зборови.

All in a days work

Но секако, секој текст треба да биде од тематика со којашто лесно можеме да се справиме. Ретко кој медицински преведувач би се нафатил на правен текст или обратно. Има технички, научни, креативни, уметнички, книжевни и академски преведувачи, меѓу другите категории. Секој од нас тежнее кон одредени специјализирани области.

Го отвораме текстот, го разгледуваме и истражуваме, а потоа почнуваме со нашата сакана работа – да ги стокмиме тие идеи со јазик што секогаш одѕвонува јасно и природно, а понекогаш и потпевнува.

Следно ни е прегледувањето на текстот, проверката, поправањето, повторната проверка, поставувањето прашања за нашите клиенти, и завршните дотерувања на готовиот производ. Мачна работа е, но она што доаѓа од нашите бироа мора да биде совршено. Тоа е барем случај за професионалци со самопочит, макар што достапноста на лоши преводи ширум светот навестува на тоа дека не секој се придржува до таквиот перфекционизам!

Истовремено, како хонорарци и сопственици на мали бизниси, треба да бидеме спремни на сѐ. Во секое време може да ни дојдат разни текстови, и тоа некогаш повеќе наеднаш, од нашите разновидни клиенти, секој со различен рок, а понекогаш дури и во различни часовни зони.

Можеби работиме со различна брзина – но секој од нас мора да знае колку можеме да завршиме за еден час или еден ден.

Стручни жонглери сме, и тоа во скоро секоја смисла на зборот.

И секој ден е некако различен од другите.

Локација, локација и само локација

Една од добрите работи кај тоа да се биде преведувач во XXI век е што можеме да работиме каде сакаме.

 За многумина од нас, тоа значи работа од дома, но со строги правила за тоа кој може да влезе и кога! Без разлика дали е некој агол од соба или специјално одреден простор, таму ги чуваме компјутерите, печатачите и книгите со прирачници.

 За работа којашто бара голема концентрација, тој простор е клучен.

 Други можеби претпочитаат да изнајмат канцеларија за да направат разлика помеѓу работата и домот или заеднички да изнајмат деловен простор заради комуникацијата со другите и можностите за контакти.

 Како и да сме организирани, денешната технологија значи дека можеме да работиме и во локално кафуле или во парк. А има и такви што се дигитални номади и се селат од земја во земја, секогаш одржувајќи контакт со своите клиенти.

 Тоа е чувството на слобода околу кое се врти оваа работа.

 Ви треба само компјутерот, пристап до интернет и моќта на умот.

Copy of Inside Story 1

Човечки напор

За кого работиме? Речиси сите се потенцијални клиенти, од влади, меѓународни невладини организации, компании, академски институции, музеи, истражувачи, сектори за маркетинг, лаборатории и компании за игри, сѐ до поединци на коишто им треба превод на документ за миграција или текст на песна што ја напишале.

Тие имаат производ или услуга што ја продаваат, порака што ја споделуваат, или процедура што ја спроведуваат, и тоа им треба на странски јазик.

Уште поважно, сфаќаат дека ако работата ја заврши професионалец, тоа ќе додаде авторитет, сјај, додатна моќ, а пред сѐ квалитет – што е далеку од механичките верзии што ги нуди Google Translate, или пак некој друг автоматизиран машински превод.

Нѐ наоѓаат преку пребарување на интернет, на платформи или на нашите вебсајтови, преку друштвените мрежи, по угледот или преку лични препораки.

Милиони клиенти ширум светот. Милијарди зборови.

Луѓе, кои зборуваат со други луѓе, со зборови преведени од луѓе.

Raison d'être

За крај на нашава обиколка, поставуваме едноставно прашање: зошто го работиме ова што го работиме?

Има толку многу одговори на тоа прашање колку што има и преведувачи.

За некои ова е професија што гради мостови – шанса да се смени светот, реченица по реченица.

За други е страст за којашто им е задоволство да бидат платени.

За трети, пак, преведувањето е работа што ги плаќа сметките.

Но скоро сите се задоволни од можноста да заработуваат за живот со помош на талентот за јазици и дарбата за зборови, вршејќи работа што е неисцрпен извор на варијации, фасцинации и учење.

А сега преиспитајте си ги идеите што можеби сте ги имале за преведувачите на почетокот од оваа публикација. Ако сега се чувствувате попросветлени, нашата работа е завршена!

Автори

Ендру Морис [Andrew Morris]
Натали Ж. Рајс [Nathalie G. Reis ]
Тања Р. Квинтиери [Tanya R. Quintieri]
Норхан Мохамед [Norhan Mohamed]
Кристина Тормен [Cristina Tormen ]
Кај-Виктор Штегеман [Kay-Viktor Stegemann]
Сузи Витерс [Suzie Withers]
Корнелија Шнајдер [Kornelia Schneider ]
Ретно В Манро [Retno W Munro]
Силвија Бенетоло [Silvia Benetollo]
Мирај Филиз [Miray Filiz ]
Лилит Хијат [Lilit Khiat ]
Корнелија Робертсон [Kornelia Robertson]
Патрисија Фиеро [Patricia Fierro]
Валери Наумова [Valery Naumova ]
Едел Ринг [Edel Ring]
Кети Розамонд [Cathy Rosamond ]
Анико Пете-Мордовски [Anikó Pető-Mordovski ]
Гордана Петровска [Gordana Petrovska]
Сузане Кол [Susanne Koll]
Лусија ЛО [Lucía LO ]
Изабел Меши [Isabelle Meschi]
Цугуми Козума [Tsugumi Kozuma]
Ричард Морт [Richard Mort]
Илзе Хајрман [Ilse Heyrmann]

Translations

 عربىBahasa Indonesia / български / CatalàDeutsch / ελληνική / English Español / فارسی / FrançaisHrvatskiItaliano / Lietuvių / Magyar / македонски / Nederlands / Português (PT) / Română / русский / Shqip / ไทยTürkçe / 中文简体 / 中文繁體

 

Serving the world's largest community of translators, ProZ.com delivers a comprehensive network of essential services, resources and experiences that enhance the lives of its members and helps them fulfill their potential. Click here to visit  ProZ.com.